nu-recommends

Кога ќе најдеш нешто што сакаш да продолжиш да го правиш

Интервју со Ива Тодоровска

Kire Jordanov 4 Min Read

Интервју со Ива Тодоровска  @todorovskq_, средношколка од првата генерација на NU Академијата за Графички Дизајн

Запознајте ја Ива Тодоровска — артистка и графичка дизајнерка која својата љубопитност кон уметноста ја претвора во нешто свое.

Пред една година, како средношколка од првата генерација на NU Академијата, Ива сè уште ја истражувала насоката во која сака да продолжи. Денес, зад себе има изградено портфолио, искуства со реални проекти што и помогна и да стане дел од летно училиште за уметност во Фиренца — а најважно од сè, денес има многу појасна слика за тоа што сака да прави понатаму.

За неа, NU не бил само прв контакт со графичкиот дизајн. Бил место каде што, како што вели самата, се заљубила во дизајнот.

Да започнеме од почеток. Кој е Ива?

Здраво, јас сум Ива. Би се опишала како личност со љубов и почит кон секој тип на уметност, која истовремено креира и своја уметност.

Што те донесе на NU Академијата за Графички Дизајн?

Се одлучив за дизајн на NU бидејќи не бев сигурна во која кариерна насока би сакала да продолжам во иднина. Во исто време, сакав да почнам да го градам моето портфолио, што би ми помогнало во остварувањето на мојата желба да студирам во странство.

Еден од проектите што го работеше на NU беше и со Diners. Што ти значеше таа соработка?

Проектот за Diners исто така е еден од оние што ми ја зголемија самодовербата како графички дизајнер.

Тимот на Diners беше толку отворен кон слушањето на нашите идеи и ни даде целосна креативна слобода. Таа соработка ми даде доверба дека навистина некој сака да ги слушне гласовите на младите луѓе и да направи нешто што е навистина за нас.

Кога гледаш наназад, кој проект ти оставил најголем впечаток?

Иако немам еден специфичен омилен дизајн, би рекла дека омилен проект досега ми бил редизајнот, односно ребрендирањето на Археолошкиот музеј во Фиренца, кој го работев за време на летно училиште.

Овој проект не го одбрав затоа што ми се најдраги неговите дизајни — искрено, најдраги секогаш ќе ми бидат дизајните и илустрациите што ги правам за себе. Го одбрав затоа што беше првиот проект по долго време што ме извлече од мојата комфорна зона и ми ја зголеми самодовербата.

Ми покажа дека навистина имам добри идеи и дека можам да работам со луѓе кои се многу поискусни од мене.

Што мислиш дека им недостига на младите креативци во Скопје?

Во нашиот град недостигаат места каде што младите креативци можат слободно да се изразат, без осудување — како, на пример, културен центар.

Според мене, загрижувачки е тоа што во град кој се смета за „метропола“ на Македонија премногу често се случува да немаме каде да одиме или што да правиме.

Секако, ние си создаваме свои заедници и занимации, но жално е што градот не дава доволно поддршка за младите креативци.

Каде е NU во твојата приказна денес?

NU Академијата секогаш ќе има посебно место во моето срце бидејќи таму се заљубив во дизајнот и одлучив дека би сакала ова да продолжам да го работам и понатаму.

NU како заедница е место полно со креативци, каде што секогаш се посакуваат и прифаќаат нови идеи и решенија.

Можеби е драматично да се каже, но мене навистина ми го смени животот на подобро и би го препорачала на секој средношколец кој се двоуми околу тоа што сака да го работи во иднина.

И за крај — што би ни препорачала да видиме, слушнеме или следиме?

Не можам да препорачам само еден уметник. Во последно време ми се омилени @rafaelamascaro и @feihuasanqian на Instagram. И двајцата се дизајнери со уникатен стил кој те носи во сосема друг свет.

За песна би ја препорачала „Скопјанка“ од PMG Колектив, иако која било песна од PMG вреди да се слушне.

Еден филм кој остави траен впечаток врз мене е „Џган“. Иако е малку морбиден, ја покажува реалноста на многу деца во Македонија и навистина е важна приказна за споделување.

Популарни објави