nu-recommends

Средношколците од NU Академијата волонтираа на првиот роденден на RESET Podcast

Искуство што нè потсетува дека младите не се само публика на настаните, туку можат активно да учествуваат во нивното создавање.

Kire Jordanov 2 Min Read

На 10 октомври, по повод Светскиот ден на менталното здравје, средношколците од НУ Академијата беа дел од тимот волонтери на првиот роденден на RESET Podcast – настан посветен на отворените разговори за менталното здравје, личниот развој и важноста да побараме поддршка кога ни е потребна.

Настанот се одржа во хотелот Limak во Скопје и го означи почетокот на втората сезона на RESET Podcast, чија водителка е Нина Ред. Програмата вклучуваше панел-дискусија за професионалната психолошка поддршка, како и специјално издание на подкастот во живо со српската инфлуенсерка и претприемачка Дуња Јованиќ.

Во програмата настапи и Младинскиот оркестар при СУГС „Орце Николов“, кој со својот настап придонесе за посебната атмосфера на настанот.

Учење преку вистински искуства

За средношколците од НУ Академијата, волонтирањето беше можност да бидат дел од настан во живо, да соработуваат со организацискиот тим и да искусат како изгледа реализацијата на настан надвор од училишните клупи.

Во НУ веруваме дека младите најдобро учат кога имаат можност да ги применат своите знаења, да преземат одговорност и да бидат дел од реални проекти. Ваквите искуства им овозможуваат да развиваат комуникациски и организациски вештини, тимска работа и самодоверба – способности што се важни и во нивниот личен и во нивниот професионален развој.

Менталното здравје е тема за сите генерации

Светскиот ден на менталното здравје е потсетник дека грижата за себе, разговорот за емоциите и барањето стручна поддршка треба да бидат природен дел од секојдневието, вклучително и во животот на младите.

Токму затоа, ни значи што нашите средношколци беа дел од настан кој отвора важни прашања и создава простор за искрени разговори.

RESET Podcast, среќен прв роденден! Ви благодариме за можноста нашите средношколци да бидат дел од ова искуство и за поттикнувањето разговори што се важни за сите нас.

Популарни објави