nu-recommends

Кога средношколец од NU и студент од Brainster Next ќе одлучат да изградат стартап- Teacher Aid

Kire Jordanov 4 Min Read

Идејата започнала на еден час, продолжила на заеднички проект, а добила нова насока на Startup Weekend во Битола. Денес, Предраг Киров од НУ HighSchool Academy и Дамјан Фузевски од Brainster Next College работат на Teacher Aid — идеја со амбиција да го направи образованието подобро.

Понекогаш, идејата за стартап не започнува со бизнис план. Започнува со едно прашање: зошто нешто што може да биде подобро мора да биде толку комплицирано?

За Предраг Киров, тоа прашање се појавило за време на час. Заедно со Дамјан Фузевски, студент на Brainster Next College, ја претвориле идејата во проект, формирале тим и го освоиле второто место на Techstars Startup Weekend Bitola. Подоцна, продолжиле да го развиваат Teacher Aid и преку инкубаторската програма на StartupRevolution.ai.

Разговаравме со нив за идејата, тимската работа и за тоа што се случува кога ќе одлучиш да не останеш само на „што ако“.

Како дојдовте до идејата за Teacher Aid и кој проблем сакате да го решите?

Предраг: Седев на час и речиси заспивав кога ми текна кога последен пат сум имал интересен час — час на кој сум сакал да седам по сопствена желба. Почнав да размислувам за часовите што ми оставиле впечаток и за професорот што ги подготвуваше. Кога разговарав со него, ми кажа дека подготовката му одзема два до три часа. Тогаш се запрашав зошто тоа мора да одзема толку време. Така дојде идејата за Teacher Aid.

Вие сте дел од различни генерации — едниот од НУ, другиот од Brainster Next. Како се запознавте и како дојде до тоа заедно да работите на стартап?

Предраг: Првпат се запознавме на проектот на Tourifique, каде што соработуваа ученици од НУ и студенти од Brainster Next. Веднаш ја забележавме хемијата за работа, но мислевме дека тоа ќе биде нашиот последен заеднички проект. Techstars Startup Weekend Bitola беше нашата втора средба. Таму повторно се собравме и го формиравме тимот.

Кои се задачите на секој од тимот и што е важно за добра тимска соработка?

Предраг: Во тимот сме петмина: јас сум CEO и основач, Дамјан е задолжен за дизајнот, Леонид Стојановски за продажбата, Никола Христовски за развојот, а Огнен Кецеџи за маркетингот.

Најтешко ни беше да се усогласиме и секој да ја преземе својата задача на најефикасен начин. Со текот на времето научивме како да комуницираме и да работиме заедно. Сфатив дека секој мора да функционира како дел од добро подмачкана машина за целиот процес да биде успешен.

Што ви даде НУ, а што Brainster Next, што денес го користите во развојот на Teacher Aid?

Предраг: НУ ме научи дека светот не е лесен, но најважното што го научив е како луѓето комуницираат и работат во тим. Тоа го користам секојдневно во развојот на Teacher Aid.

Кога првпат сфативте дека ова не е само студентски проект, туку идеја што навистина може да стане стартап?

Предраг: На презентацијата на Techstars Startup Weekend Bitola ги видов реакциите на менторите што нè водеа низ целиот процес. Тогаш сфатив дека вербата во проектот не е само наша — туку и на луѓето околу нас. Тоа ми покажа дека имаме причина да продолжиме и дека не смееме да ги разочараме луѓето што веруваат во нас.

Бевте второ место на Startup Weekend во Битола, а потоа влеговте и во инкубаторската програма на StartupRevolution.ai. Што научивте од овие искуства?

Предраг: Научив дека кога разговараш со луѓе што знаат повеќе од тебе, сфаќаш колку уште имаш да научиш. Разбрав и дека луѓето не инвестираат само во идејата, туку и во тимот што стои зад неа. А контактите се една од најголемите предности што можеш да ги имаш.

Кој беше најголемиот предизвик досега — идејата, технологијата, тимската работа или да ги убедите другите дека идејата вреди?

Предраг: За нас, најголемиот предизвик беше тимската работа. На почетокот не знаевме ефективно да ги усогласиме задачите и одговорностите на секој член. Но, како што поминуваше времето, учевме како подобро да соработуваме. Сфативме дека добрата идеја е само почеток — за да се реализира, потребен е тим што знае да работи заедно.

Што е следно за Teacher Aid и каде сакате да бидете една година од денес?

Предраг: Го гледам Teacher Aid во училниците — не само во Македонија, туку и на глобално ниво. Сакам да стане проект за кој ќе зборуваат средношколци и студенти, а нашата главна мисија е да придонесеме за подобри резултати кај сите ученици.

Од училишна клупа до стартап, од заеднички проект до тим што гради сопствена идеја. Teacher Aid е пример за тоа што може да се случи кога младите добиваат простор да експериментираат, да соработуваат и да ги претворат своите идеи во нешто реално.

Популарни објави